Ангола ја шокираше Јапонија, домаќинот останува со мали шанси за следна фаза

По трите порази, селекцијата на Ангола во четвртиот натпревар ја забележа првата победа на Олимписките игри во Токио, откако славеше над домаќинот Јапонија со 28-25 и го остави ривалот без место во четвртфиналето.

Јапонија водеше во првиот дел со 2-6, но со серија од шест погодоци Ангола направи пресврт и ја презема контролата, 8-6. Домаќинот успеа да стигне до 10-10, но на пауза се замина сепак со предност за африканскиот првак со 15-13.

Во второто полувреме Ангола константно беше во предност, во еден момент и со седум разлика, 22-15, и рутински го доврши мечот за конечни 28-25.

Најдобри стрелци кај победникот беа Сантос, Касома и Гуиало со по пет погодоци, а голманката Соуса собра 12 одбрани, додека кај Јапонија се истакна Хара со шест гола.

Ангола во последното коло игра со Кореја, Јапонија со Норвешка и двете селекции имаат мали шанси за место во четвртфиналето на ОИ.