Екипата на Ѓорче Петров продолжува да го демонстрира амбициозниот проект, а од денеска почнаа и подготовките за новата сезона. Ново име е репрезентативната голманка Наташа Антиќ, која после една година одново ќе се најде на голот, а се враќа во домашното првенство после неколку сезони интернационална кариера.
Со потпишувањето на уште една репрезентативка сосема јасно е дека целта на Ѓорче Петров е висок пласман. Искуството кое го носи со себе Антиќ сигурно ќе биде од големо значење и ќе донесе многу во следната сезона така што ќе треба да се покаже најдоброто на теренот против тимовите кои веќе неколку сезони доминираат во домашното првенство.
Амбициозниот проект на Ѓорче Петров стартуваше на крајот од минатата сезона. Тогаш беше ангажиран Оливер Димитриоски за тренер, па со него ќе се обидат да го кренат нивото и да се обидат да дојдат до подобри резултати од досега.
„Ова е нов предизвик за мене. Почнува сезона и верувам дека можеме да бидеме успешни. Имаме многу нови ракометарки, но и мал период да се прилагодиме и вкомпонираме сите заедно така што нашата цел е да направиме стабилен тим. Верувам дека ќе успееме во нашата цел и дека Ѓорче Петров ќе биде убава и успешна приказна“, коментира тренерот Оливер Димитриоски.
Во неговиот стручен штаб ќе биде и поранешната репрезентативка на Македонија, Милева Велкова, која ќе биде негов помошник. Тренер на голманите ќе биде Ане Велков.
Ѓорче Петров почна со подготовки
Екипата ќе организира турнир од 19 до 21 август на кој ќе играат Вардар, Деспина, Јагодина (Србија), Бор (Србија), најверојатно и Раднички Крагуевац исто така од Србија како и младинската репрезентација на Чиле.
Со оваа репрезентација тимот на Ѓорче Петров би можел да одигра и уште неколку контролни натпревари.
Инаку, покрај Наташа Антиќ во клубот дојдоа уште неколку ракометарки кои се на списокот на сениорската репрезентација. Станува збор за: Симона Стојановска, Анастасија Николовска, Марија Николовска, Ана Марија Коларовска, Симона Василева, Сања Цветковска, Слободанка Кицеска, Анастасија Белевска и Ања Урбан