Царчев со четврти тим ќе игра во финале на Купот

Александар Царчев, тренерот на Ѓорче Петров е еден од ретките кои е дел од Ф4 турнирот и финалето на женскиот Куп, а ќе води четврта различна екипа. Попладнево во 17 часот Царчев ќе седи на клупата на Ѓорче Петров кој сака да го освои својот 19. трофеј.

Пред да дојде во Ѓорче Петров, тој со три различни екипи на Вардар играше во финалето на Купот. Има и еден куп, во ѕвездениот тим на Вардар кој во периодот од 2014 до 2018 година доминираше во Македонија. Беше тренер и на вториот тимна Вардар, на Вардар СЦБТ со кој играше исто така во финале против сестринскиот тим на Вардар.

Откако заминаа ѕвездите од Вардар, а потоа легендите Нацева и Кастратовиќ го создадоа сегашниот Вардар, кој го задржа спортскиот континуитет на вардарки, „црвено-црните“ исто така стигнаа до финалето, во 2022 година кога загубија од Куманово.

Ѓорчепетровки последниве две сезони ја освојуваат двојната круна во Македонија, а трипати по ред се шампионки на Македонија. И сезонава се главни кандидати за двата трофеи.