Екипата на Еурофарм Пелистер 2 се избори за големи три бода против составот на Металург со 27:26, а тренерот на битолчани, Александар Јовиќ славеше против својот поранешен клуб во Групата Б од Супер машката лига.
Добра игра во текот на сите 60 минути, возбудлив и динамичен ракомет и нијанси кои пресудија за победникот на овој дуел.
Младите битолчани успеаја да одиграат подисциплинирано и дојдоа до големи бодови кои ги зацврстија на 3. место кое води во плеј-офот напролет.
Металург имаше свои шанси, но не успеа против многу порасположените домашни играчи кои на крајот од средбата имаа повеќе причини за радување во победата.
Тренерот Александар Јовиќ имаше причини да биде задоволен бидејќи успеа денеска да го извлече најдоброто од своите ракометари.
„Да се победи Металург кој е водечки клуб во нашето првенство е одличен резулат. Направивме добра работа со овие три бода и сега сме еден чекор поблизу до пласман во плеј-офот. Очигледно е дека оваа изолација влијаеше многу на ракометарите на Металург, но тие се условите во кои играме сите и се натпреваруваме. Им честитам на моите момци за победата и за борбеноста која што ја прикажаа на теренот, но и на играчите на Металург за коректната игра во текот на сите 60 минути и им посакувам во вторник против Фиверс во Лигата на Европа да дојдат до триумф“, коментираше веднаш после натпреварот за 24 Ракомет, Александар Јовиќ.
На овој дуел се виде доста голема борбеност и мотивираност кај ракометарите на Еурофарм Пелистер 2, но се виде и голема желба и секако доказ дека од натпревар во натпревар имаат напредок.
„Ваквите натпревари им се максимално потребни на младите ракометари. Само преку вакви дуели со резултатска тензија тие можат да растат и да созреваат. Кога е плус пет за една од екипите нема можност за таков напредок. Кога има ваков резултат како денеска е тогаш и играчите можат да растат и тимот. Мора да се работи на психолошкиоте дел и треба да бидеме секако и благодарни што во едни вакви услови имаме првенство кое се игра. Тоа секако е заслуга на РФМ, но и на клубовите. Во вакви услови најважно е што играме и сите ги почитуваме правилата“.
Оваа победа се чини дека го реши прашањето за третиот патник во плеј-оф рундата од Групата Б.
„Уште не е ништо готово. Мислам дека ние, Тиквеш и Прилеп уште сме во игра за плеј-офот. Сепак, со овие три бода ние сме еден чекор пред нив. Ни претстојат уште две средби до крајот и тоа против Бутел Скопје и Прилеп, па доколку на нив стигнеме барем до една победа со вкупно 21 поен би биле веќе во плеј-офот“.
Еурофарм Пелистер 2 – Металург
Инаку, можеше да се забележи дека формата на битолчани оди по нагорна линија, а во тоа се согласува и тренерот Александар Јовиќ.
„Во последниот период се забележува дека успеавме да се кренеме и на психолошки план. Тренираме напорно и квалитетно и мислам дека успеавме да направиме добра работа. Момците веќе сфатија дека можат да играат против секого. Се виде тоа и на дуелот во Кавадарци против Тиквеш каде што исто така победивме со еден гол разлика. Денешната победа со гол разлика исто така значи многу за сите нив така што ова ќе биде еден голем плус“, изјави за 24 Ракомет, тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ после обезбедувањето на победата број 6 сезонава.
До крајот на есенската полусезона за тимот на Еурофарм Пелистер 2 остануваат уште средбите против Бутел Скопје во Битола на 22 декември и против Прилеп на гостински терен на 27 декември.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ГРУПА Б
ТАБЕЛА
Изненадување во Битола, Еурофарм Пелистер 2 го стопираше Металург (ФОТО)
Се славеше во Битола, Еурофарм Пелистер на пат кон плеј-оф (ВИДЕО)