ЛШ ПОЛУВРЕМЕ: Вардар е во игра – Мелсунген води само со еден гол

Вардар одигра рамноправни 30 минути на гостувањето кај Мелсунген и на паузата од првиот натпревар во Лигата на шампионите сезонава има минимална негатива од 16-15.

„Црвено-црните“ добро го отворија натпреварот и со погодокот на Вукашин Воркапиќ го презедоа почетното водство. Двата тима потоа се менуваа во водство, а Вардар во седмата минута имаше предност од 4-3.

Мелсунген одговори со серија од 4-0 и поведе со 7-4, но македонскиот претставник не дозволи домаќинот резултатски да се одлепи. Вардар во 15. минута намали на 7-6, а во 23. минута Воркапиќ погоди за 11-10.

Германскиот состав повторно стигна до три гола предност при 14-11 и 15-12. Леон Љевар и Абделхак Мохаб го вратија Вардар на само еден гол негатива, а Воркапиќ со својот шести погодок во последните секунди ги постави конечните 16-15 на полувремето.

Воркапиќ е најефикасен кај Вардар со шест гола без промашување, Љевар постигна четири, а Мохаб три. Кај Мелсунген, Флоријан Дростен постигна четири погодоци.