Ракометарите на Вардар ги имаат можеби најдобрите 30 минути сезонава и тоа на гостување против Пик Сегед, а после 30 минути „црвено-црните“ имаат водство од 19:17 што е одлично бидејќи играта која ја прикажаа момците на Алушовски заслужува одлична оценка.
Од почетокот на средбата се тргна во игра во која ракометарите и на двете екипи повеќе внимание имаа насочено кон нападот. И на едната и на другата страна одеше добро во реализацијата, па тоа носеше и многу погодоци.
Пик Сегед отвори со 2:0, а потоа до 5:3 во 8. минута имаше редовно плус два. Следуваше брз одговор преку Шеваљевиќ и Стоилов за 5:5, а потоа се влезе во краток период на игра гол за гол. Потоа Вардар конечно стигна до водство, а точно на средина од првото полувреме имаше плус два и 9:7.
Иако домашните брзо израмнија, Вардар успеа да се избори за ново водство и одново да има плус два. Голманите тешко успеваа да соберат некоја одбрана така што тоа овозможуваше да се дојде до лесни голови. Ги имаше и на двете страни, па вардарци постојано беа во предност.
Во играта на Вардар можеше да се види многу поголема идеја за разлика од првиот натпревар. Лесно се успеваше во намерата да се дојде до простор за шут и секое проигрување до крило или пивот беше речиси сигурен гол.
Темпото на игра беше исто од почеток до крајот, а на секое израмнување на Пик Сегед, Вардар одново успеваше да зголеми на два позитива. Откако после 20. минута се разбрани и Кантегрел стана и полесно, па во 27. минута Вардар првпат имаше плус три, 17:14.
До крајот на првиот дел имаше уште пет гола, а на одмор Вардар замина со водство од 19:17. Чупиќ со шест и Јотиќ со пет гола се најефикасните во редовите а Вардар после првите 30 минути, а Бодо со седум гола е прв стрелец на средбата.