СЕДМЕРЕЦ: Петка за локалниот „дечко“ со капитенската

Каде е трезорот на успехот на вардарци?

1. Тајната во соблекувалната

Вардар го очекува нов шампионски предизвик во новата сезона во која одново ќе брани три круни – домашната супелигашка, регионалната во сега „глобалната“ СЕХА лига и европската круна во Лигата на шампионите. И, како и во претходните три-четири лета и овој пат стои дилемата каков ќе биде „црвено-црниот“ тим во новиот состав, може ли одново да ја изненади ракометна Европа и да ги побие сите теории според кои, и оваа сезона, шампионот не е меѓу фаворитите во европската ракометна елита.

Составот секоја година се менува, а силата останува! Нема ни премногу звучни ѕвезди, ни многу милиони, наместо тоа, во Скопје има(ше) проблеми и долгови… Па, како тогаш освојуваат титули?! Тоа е најчестото прашање од оние каде што пред секоја сезона јавно и транспарентно се објавуваат буџетите и точно до цент се знае за што ќе се потрошат милионите.

„Најголема сила на ова чудо од Скопје е тимскиот дух и заедништвото…“, така некако оди описот на Вардар во најавата на СЕХА пред стартот на новата сезона.

Локалниот „дечко“ со капитенска лента во европскиот и СЕХА шампион, Стојанче Стоилов, пак уште попрецизно посочи дека трезорот на успехот на Вардар е во соблекувалната.

„Нас не краси една одлична атмосфера во соблекувалната, се останува таму и тоа е едно од нашите најсилни оружја“, ќе рече Столе за Вардар и за момците -„лудаците“.

И буџет. И плати. И долгови. И премии. И кавги и „смирки“. И финти и тактики… Кај „црвено-црните“ се е во светите четири ѕида. „Протече“ по нешто еднаш-два пати кога си одеше Дејвис и после Борозан, ама и тоа брзо се „заѕида“.

Се останува во соблекувалната. За јавноста желна за вести можеби не е популарно, но за клубот, дефинитивно, е ефикасно. Имаат две титули европски шампион, „молим лепо“!

2.Европски и не-европски препреки

Составот се менува, но системот останува. Тоа е уште една компонента што го прави Вардар посилен од тоа што реално е. Тие што остануваат се доволно силни и авторитетни за да ја задржат основата. Тие што доаѓаат, пак, се доволно паметни, за да сфатат дека е најефикасно што подобро да се вклопат во системот и да продолжат во иста насока. Впрочем, и изборот на новите играчи и посебно на тренерите на клупата на Вардар е во функција на системот. Се гледа тоа во играта на Вардар и во ова најново издание под водство на Давид Писонеро, третиот Шпанец во серија на клупата на двојниот европски шампион.

Првата официјална проверка за вардарци во новиот состав пред новата сезона, беше настапот на „Супер Глоуб“ во Дамам. Во три натпревари во некомплетен состав не може многу да се види, но забележливо е дека стилот на игра на Вардар и под водство на Писонеро останува речиси идентичен како во претходните неколку сезони кога на клупата беа Раул Гонзалес и Роберто Парондо. Идентичен е и учинокот и на крај и „бронзата“ исто како и на првиот настап на „Супер Глоуб“ во 2017 година. Вардарци лесно се справија со не-европските противници, домашните сауидиски Ал Мудур и Ал Вехта, но Кил ги „уби“ во полуфиналето, исто како Барса пред две години. Во однос на играта, имаше и добри моменти со препознатливата сигурност и воиграност на „црвено-црните“, но и пропусти и осцилации што ќе треба да се испеглаат во текот на сезоната. Генерално, ниту е за „вау“, ниту пак е се црно и безнадежно. Нешто на средина.

Инаку, освен што се убави парите од наградите и титулата, „Супер глоуб“ вообичаено не е ни некое реално мерило за вистинските можности на екипите, посебно оние од европскиот дел. Впрочем, Барса доминираше на светското клупско првенство и во 2017 година, а потоа во ЛШ не стигна ни до четвртфинале. Вардар тoгаш беше „бронзен“ во Доха, па после стигна и до Келн. „Бронзен“ е и летово во Дамам…

За долгата европска сезона потоа, сепак најважен е системот, тактиката и секако – соблекувалната!

3.Сонот на „фармацевтите“

Проверен систем, плус дебитантски ентузијазам и мотивација ќе бидат главните адути на Стевче Алушовски кој заедно со Еурофарм Работник сезонава го остварува сонот. За два дена битолскиот тим ќе го одигра првиот натпревар во СЕХА лигата. За две недели ќе дебитира во европската елита и по речиси една и пол деценија ќе ја врати ЛШ во Битола после оној последен настап на Пелистер во 2006.

„Сигурен сум дека Еурофарм Работник ќе биде тежок противник за сите“ – најави Стевче Алушовски пред новиот и досега најголем предизвик во неговата тренерска кариера.

Еурофарм Работник е ново име и во СЕХА и во ЛШ, нема искуство во големото друштво, но има искусни играчи во својот состав. За истрајност и долговечност на теренот имаат пример на клупата. Во Битола никогаш не недостасувала ни ракометната публика, можеби ќе им треба време на „зелените“ да се привикнат на „сино“…и да го заборават Лемго. Тоа беа времиња, секако,  ама и од спомени не се живее.

Па видете само до каде стигна регионалната СЕХА лига! Од Загреб до Пекинг виа Москва. Најдобриот ракомет доаѓа одовде, ама сега и Кинези ќе играат балкански во „регионалната“.

Се е тоа систем, глобален, монетарен, како сакате.

Нека почне шоуто!

И, „клавајте голови“ тоа е најважно.

 


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.