Прво Вулф, па Битер ги излуде Норвежаните: Европското дерби за Германија

Во рамките на 4. коло од машкиот дел на олимпискиот турнир Германија ја совлада Норвешка со 28-23. Дуелот на две европски екипи понуди возбудлив ракомет со многу атрактивни потези но и одлични голмански одбрани. Токму овој натпревар беше клучен за избегнување на 4. место во групата А кое во елиминациската фаза ја носи репрезентацијата која остави најголем впечаток во изминатaва година, селекцијата на Данска.

Германците ја преземаа иницијативата и контролата над играта на почетокот. Минималната предност благодарение на одличниот голман Вулф (бранеше 100% шанси на Норвежаните) Германија ја изгради во високи пет погодоци на средина на полувремето. Разликата се одржуваше во поголемиот дел од полувремето, но во финишот Норвежаните успеаа да врзат неколку погодоци во низа и на пауза да заминат со пристојна негатива од 14-11.

На почетокот на вториот дел, Норвешка веднаш ја намали разликата на минимален гол негатива. Но една одбрана на Вулф и две грешки во нападот на Норвешка ја врати Германија на највисоките 5 голови разлика во 42. минута.
Во средината на вториот дел повторно се врати неизвесноста на овој дуел. Германија врза неколку грешки во нападот, а на тоа се надоврза и тренерот Гисласон кој доби жолт картон и одзема еден напад на својот тим, па во 48. минута Јондал имаше шанса да го израмни резултатот, но ја погоди стативата на голот на Битер(кој го замени Вулф меѓу стативите).

Следуваше казна, Германија имаше моментум и успеа да се одбрани во следниот напад за Норвешка, по што ја врати предноста од три голови (24-21 54. минута). Битер ја продолжи одличната вечер на гол линијата за германските голмани, па Германија ја одржуваше предноста на четири разлика, а Вајнхолд на минута до крај ја врати и највисоката предност од пет погодоци. Во последните секунди двете селекции ги искористија своите тајм-аути, Јондал погоди за Норвешка, додека Генсхајмер стави точка на овој дуел со 6 гол од линијата на седум метри за конечни 28-23.

Најпрецизен на теренот беше Сагосен со 7 голови, а Јондал постигна 6 голови за Норвешка. Кај победникот, Генсхајмер имаше 6 голови сите од линијата за седум метри, а го следеше Кастенинг со 5 голови зад своето име. Вулф и Битер имаа вкупно 17 одбрани или 43% одбранети удари.

Норвешка во последното коло од група А ќе се соочи со одличната и непоразена Франција, додека Германија последните бодови во групната фаза ќе ги бара против Бразил.