Парондо и „фараоните“ ја шокираа Шведска, јунак е голманот Хендави!

Светскиот вицепрвак Шведска го доживеа првиот пораз на Олимписките игри во Токио, откако загуби од селекцијата на Египет со 22-27. Претходно скандинавците се извлекуваа во финишот против послабите ривали, но денеска не можеа ништо против расположените „фараони“.

Египет отвори со водство од 0-2, и ниту еднаш до крајот на мечот не му дозволија на противникот да се врати во игра макар за реми. Имаа избраниците на Роберто Парондо и плус пет во првиот дел, 4-9, Швеѓаните не можеа да се изборат за помала негатива на пауза.

Сите нивни надежи за камбек исчезнаа на почетокот од второто полувреме, кога „фараоните“ стигнаа до најубедливи плус шест 18-12 и беше веќе јасно дека нема да има никаков пресврт. Египет само рутински го доврши мечот за конечни 22-27.

Санад со шест гола беше најефикасен кај „фароните“, пет постигна Омар Јахија, а екс голманот на Еурофарм Пелистер, Карим Хендави, собра 17 одбрани. Кај Шведска прв стрелец беше Пелас со седум погодоци.