Михајловски контра ЕХФ: Ова нема правна основа, никој досега не побарал пари од Вардар по основ на долгување

Шокантно делуваше одлуката на Европската ракометна федерација да го стави учеството на Вардар во Лигата на шампионите под знак прашалник. Денеска европската куќа на ракометот ги потврди 16 екипи за учество во новата сезона во ЛШ, но доколку Вардар не плати 1.000.000 евра како депозит до крајот на јули неговото место ќе го заземе словенечкиот Горење.

Откако ЕХФ ја објави одлуката, го контактиравме претседателот на Вардар, Михајло Михајловски кој ја објасни целата ситуација, сметајќи дека ова нема никаква правна основа.

„Изненадени сме од одлуката на ЕХФ, ние ќе подготвиме соодветен одговор кон нив. Ова нема никаква правна основа и ова се одннесува на долговите што претходниот клуб ги имал кон играчите. Ние во преписките со ЕХФ имавме договор дека доколку Сергеј Самсоненко не ги подмири сите оврски кон играчите до 28 февруари годинава, тогаш ние низ правна прцоедура ќе ги преземеме тие обврски и ќе ги платиме. Така лани и игравме во Лигата на шампионите. Ова сега нема никаква основа, ние го преземавме клубот, но си има закони и прописи. Ако никој не побарува пари од новиот клуб Вардар пари, тогаш нема никаква основа, а нема побарувања ниту преку федерација. Тоа значи дека нема доспеан долг кон играчите. Господинот Самсоненко ме информираше дека датумот за целосна исплата е пролонгиран до 31 декември годинава и дека тој ќе си ги подмири сите долгови“, вели претседателот Михајловски за 24Ракомет.

Долгувањата што Вардар ги има кон поранешните играчи е регулиран со меѓусебен договор на играчите и поранешниот сопственик. Тие постепено се исполнуваат, а Вардар по превземањето на Михајловски во целост ги испочитувал обврските кон играчите.