Драма во Москва: Ристовска и ЦСКА славеа во дербито против Брест

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска и нејзините колешки забележаа нова победа во Лигата на шампионите, а на домашен терен тимот на ЦСКА беше подобар од Брест со 25:24.

Во рамки на групата А тимот на ЦСКА Москва успеа одлично да се снајде на свој терен. Како што се очекуваше, можеше да се види интересен дуел. Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, го отвори натпреварот со гол од пенал, а во продолжението домашните ракометарки со контранапади преку Илина и Скоробораченко го зголемуваа водството од минута во минута и покрај одличните интервенции на голманката на Брест, Сандра Тофт.

Иако домашните ракометарки водеа во текот на поголемиот дел од првото полувреме, во 28 минута, Ѓурѓина Јауковиќ, со гол од девет метри го донесе првото водство за гостинките од 12:11, но на одмор се замина со нерешени, 12:12.

Во вториот дел продолжи добрата игра на гостинките. Се разигра бековскиот тандем Грос – Јауковиќ кои беа незапирливи на теренот. Сепак, во екипата на ЦСКА Москва, Екатерина Илина, резултатски го одржуваше својот тим во игра. И двете екипи се менуваа во предност од еден гол разлика во втората половина од вториот дел. Во егал завршница, со голот на Полина Горшкова во последната минута избраничките на Јан Лесли ја запишаа и втората победа на дуелите против Брест.

Сандра Тофт натпреварот го заврши со 15 интервенции, но нејзините соиграчки тоа не го наградија. Најефикасна во составот на ЦСКА Москва беше Екатерина Илина со седум погодоци. Македонската интернационалка Сара Ристовска успеа да погоди трипати во мрежата на противникот. Во составот на Брест се истакна репрезентативката на Црна Гора, Ѓурѓина Јауковиќ со шест голови.

Екипата на ФТЦ Раил Карго на свој терен со резултат 31:27 беше подобра од романскиот вицешампион, ЧСМ Букурешт. Домашните ракометарки ги запишаа првите бодови во новата година и ги зголемија шансите за пласман меѓу најдобрите екипи во својата група. Најефикасни со по пет голови во победничката екипа беа Емили Болк,  Хафра Ноеми и Кетрин Клјубер. Во ЧСМ Букурешт стандардно прв стрелец беше Кристина Неагу со пет голови.

Одензе немаше проблеми на дуелот со Подравка во рамките на Б групата. Тимот од Данска, триумфираше со високи 35:20. На полувреме резултатот беше 18:10. Одличен натпревар одигра Миа Реј за домашниот состав и беше стрелец на 9 голови. Во составот на Подравка прв стрелец беше Дејана Милосављевиќ со пет голови.