Дали знаете кои се рекордерите во македонскиот ракомет – на еден натпревар постигнале 31 и 33 погодоци!

Несекојдневното достигнување на левото крило на Драчево, Филип Дабески, кој на прволигашката средба што неговиот тим ја доби со Борец со 56-18, постигна дури 25 погодоци, не натера да се потсетиме на рекордерите по број на голови на еден натпревар во сениорска конкуренција во Македонија.

Од поново време се достигнувањата на некогашниот член на Бутел Скопје, Марко Божиновски, кој на куп средбата против Кичево (53-18) даде 21 погодок во сезоната 2020/21. Исто толку има десното крило Никола Костески, кој во дресот на Металург, на куп натпревар во сезоната 2014/2015 против Феникс даде 21 гол, а тимот од Автокоманда победи со 53-14.

Повозрасните љубители на ракометот сигурно се сеќаваат на достигнувањата на левите крила Златко Димитровски и Матилда Атанасоска.

Некогашниот репрезентативец Димитровски во дресот на Винарска Визба Тиквеш од Кавадарци на суперлигашки натпревар против Куманово одигран во сезоната 2004/05 постигна 31 погодок, а мечот заврши во корист на кавадарчани со 16 погодоци разлика, 49-33. Тој го сруши дотогашниот рекорд на постигнати голови на еден меч, кој беше во сопственост на Игор Павловски од Металург, кој на првенствен меч со Струмица даде 22 гола.

Но сепак рекордот на најмногу голови постигнати на еден меч го има дама. Станува збор за поранешната репрезентативка Матилда Атанасоска, која во дресот на Кале Кичево на дуел со Тутунски Комбинат Бренд постигна неверојатни 33 гола. Тимот од Кичево го доби овој натпревар со исто така неверојатни 54 голови разлика, 64-10!

Рекордери по број на постигнати голови на еден натпревар:

  1. Матилда Атанасоска (Кале Кичево) – 33 гола
  2. Златко Димитровски (ВВ Тиквеш) – 31 гол
  3. Филип Дабески (Драчево) – 25 гола
  4. Игор Павловски (Металург) – 22 гола
  5. Марко Божиновски (Бутел Скопје) – 21 гол
    Никола Костески (Металург) – 21 гол