Томовски: Кил е одлична екипа, но секој тим има слабости кои треба да се искористат

Голманот на Вардар и на репрезентацијата на Македонија, кој летово се врати од Германија, Мартин Томовски кај Вујовиќ го има статусот на прв избор и доста добро ја оправдува довербата така што се очекува и сега да биде на почетокот на средбата против Кил на голот на „црвено-црните“. Тој смета дека некои работи ќе треба да се поправат во однос на претходните средби и очекува на овој натпревар да се види поинаква игра.

„Имавме некои недоразбирања во одбраната на пследните две средби, но против Кил тоа ќе се поправи. Потребна ни е дисциплината, комуникацијата во клучните моменти. Овие ситни детали ќе треба да ги поправиме и да останеме на едно високо ниво за да можеме да одговориме на предизвиците“, вели Томовски.

Тој најдобро знае како е да се игра против Кил бидејќи минатата сезона имаше настапи во Бундес лигата.

„Станува збор за одлична екипа. Сите се познаваат добро и играат одлично. Како и секој тим имаат слаби страни. Правиме анализа и ќе ги искористиме нивните недостатоци, како и жестокото темпо и ритамот на постојани средби во сите натпреварувања во кои играат“.

За публиката исто така има пофални зборови, а особено значајно беше што добија аплаузи и поддршка иако загубија на дуелот против Монпелје.

„Поддршката ни значи многу и ќе ни даде мотив секогаш да го дадеме најдоброто од нас. Секој сака да победува. Можеби изгоревме во нашата желба дека сакаме да го потвориме успехот од претходните средби и да ја продолжиме серијата. Сепак, таа средба требаше да не спушти на земја и сега постепено да се креваме нагоре“, коменираше Томовски на денешниот прес.

Средбата в среда се игра од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ и е од 6. коло од Лигата на шампионите.