Здравствениот билтен на Вардар постепено се подобрува, а тренерот Иван Чупиќ добива повеќе опции во пресрет на важните натпревари што го очекуваат македонскиот шампион.
Посебно значење за играта на „црвено-црните“ има враќањето на Педро, за кого Чупиќ имаше големи пофалби.
„Секое враќање на ракометарите е плус за екипата, за мене како тренер и за квалитетот на тренинзите. Особено враќањето на Педро. За мој вкус, тој е спортски најинтелигентниот ракометар во оваа екипа. Има големо искуство и може да покрие многу позиции“, истакна Чупиќ.
Стратегот на Вардар очекува Педро да му донесе поголема тактичка широчина на тимот, како во нападот така и во одбраната.
„Педро може да игра на лев и на десен бек, може да ги покрие позициите два и пет во одбраната, а може да помогне и во играта ‘седум на шест’. Со него добиваме многу повеќе варијанти. Можеби токму таков ракометар ни недостигаше на првите два натпревари во Лигата на шампионите. Ќе ги користиме сите играчи од натпревар до натпревар и во зависност од ситуацијата. Натпреварот трае 60 минути и мораме да го најдеме најдоброто решение без да страда резултатот.“
Добри вести пристигнуваат и за голманот Милан Бомаштар, кој се очекува наскоро целосно да му се приклучи на тимот.
„Се надеваме дека Бомаштар по репрезентативната пауза ќе влезе во целосен тренажен процес. Ако сè биде како што треба, очекуваме повторно да го видиме и на голот“, откри Чупиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























