Рестриктивните мерки се намалуваат, публиката се враќа во салите?

Главниот координативен кризен штаб го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести и врз основа на епидемиолошките текови и состојби во државата, намалување на бројот на хоспитализирани лица и бројот на заразени лица, препорача неколку мерки за усвојување пред утрешната седница на Владата.

Меѓу тие мерки е одржувањето на настани во затворен простор со исполнетост до 30% од капацитетот на тој простор.

„Сите настани и ивенти може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор“, се вели во соопштението од Комисијата.

Сепак не е прецизно дефинирано дали во тие настани спаѓаат и спортските натпревари што се играат во сала, па веројатно ќе мора да се почека до утре за потврда.

Ако оваа мерка биде усвоена и ако важи за спортски настани, тогаш Купот на Македонија во Автокоманда би можел да се игра пред публика. Капацитетот на салата е околу 2.000 гледачи, па на шесте натпревари од Купот би можеле да бидат присутни околу 650 гледачи.