Петка на Манасков за ново финале за Веспрем

Веспрем и Дејан Манасков имаа сигурно издание во полуфиналето од Купот на Унгарија и со лесна победа против Балатонфуреди со 43:26 обезбедија пласман во финалето и борбата за трофејот.

Добрата форма ракометарите на Давид Дејвис ја потврдија уште еднаш, а на овој дуел во целост ја оправдаа фаворитската улога. Балатонфуреди имаше сили за отпор само до резултат 3:3, а потоа следуваше серија на Веспрем од 7:0 за сигурна предност.

До крајот на првиот дел Веспрем успеа да стигне и до двоцифрена предност, после 30 минути игра беше 23:12 и веќе беше познат победникот на дуелот. Второто полувреме беше формалност и продолжи доминацијата на Веспрем и разликата постојано се зголемуваше за многу убедлив триумф.

Дејан Манасков на овој натпревар во Купот на Унгарија постигна пет погодоци и беше втор стрелец веднаш зад Македа кој заврши со седум гола. Во финалето Веспрем уште еднаш ќе се сретне со најголемиот ривал ПИК Сегед.