Ловќен со стил до првиот трофеј во сезоната – лесно го освоија Супер Купот

Ракометарите на Ловќен на најдобар можен начин ја започнаа новата сезона, откако го освоија премиерното издание на Супер Купот на Црна Гора.

Цетињани во финалето беа убедливи против Рудар, славејќи со 37:30, и така го обезбедија првиот трофеј во новата сезона. Ловќен минатата сезона ја освои двојната круна, па поради тоа во новоформираното натпреварување за противник го имаше финалистот во Купот, Рудар.

Натпреварот започна израмнето, со чести промени во водството. Рудар успеваше да му парира на актуелниот шампион, но Ловќен на пауза замина со предност од 19:16.

Клучниот момент се случи на стартот на второто полувреме. Избраниците на Филип Поповиќ направија неверојатна серија и во првите десет минути постигнаа дури девет гола, а притоа не му дозволија на противникот ниту еднаш да ја затресе мрежата.

Со серијата од 9:0, Ловќен практично го реши победникот, а во продолжението рутински ја одржуваше предноста и заслужено стигна до трофејот.

Најефикасен кај победникот беше Божо Анѓелиќ со девет погодоци, додека Богдан Петричевиќ постигна шест. Голманот Предраг Мијатовиќ имаше одлична партија со 13 одбрани.

Кај Рудар, по четири гола постигнаа Драган Јелушиќ, Вук Старчевиќ, Филип Газдиќ и Алекса Ражнатовиќ.