Селекторот на машката репрезентација на Катар, Веселин Вујовиќ, се уште го нема финализирано списокот на ракометари на кои ќе смета на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка, но јасно е дека ќе има солиден состав.
Тој сметаше на 23 ракометари за првата фаза од подготовките, кои ја одработија во Хрватска, а по враќањето во Доха во пријателски натпревар ја победија Аргентина со 30-25.
Вујовиќ на поширокиот список ги има натурализираните Жарко Марковиќ, Рафаел Капоте, Франкис Марзо, Билал Лепеница, Ирхад Алилхоџиќ, Елдар Мемишевиќ, Марио Томиќ….но дополнително ќе биде познато кои од овие ракометари ќе настапат на СП.
Катарците ќе одиграат уште еден меч против „гаучосите“, како и против Бахреин, а веднаш по Нова Година повторно доаѓаат на Балканот и ќе следуваат дуели против Словенија и Алжир.
Катар ќе биде дел од групата со Франција, Кувајт и Австрија, а трите најдобри од оваа група ќе вкрстат со најдобрите три од групата во која игра Македонија со Холандија, Унгарија и Гвинеја.