Вренцоски го предводеше Шампион до петта сезонска победа

Екипата на Шампион предводена од Бојан Вренцоски ја запиша петтата победа во прволигашката конкуренција и на табелата се израмни со Драчево и Јехона.

Сега трите екипи во групата А имаат по 15 бода, додека првопласираниот Младост Богданци на свое конто има 19.

Шампион првиот дел го заврши со два гола разлика, 12:10, во вториот дел имаше предност, но тимот на Преспа Вардар постојано се закануваше, па така победата беше обезбедена дури во финишот од дуелот.

Најефикасен во победничката екипа беше Бојан Вренцоски со девет погодоци, по четири постигнаа Бобан Дебрешлиоски и Ненад Богоевски.

Кај Преспа Вардар се истакнаа Александар Димитриевски и Александар Темелко со по пет погодоци.