Савица Мркиќ по 14 години се враќа во Македонија – ќе биде „лавица“!

Левиот бек Савица Мркиќ по 14 сезони одново ќе заигра во македонскиот шампионат, откако реши да се врати дома. Таа во новата сезона ќе ги брани боите на Ѓорче Петров 2 и ќе биде од голема помош за младите ракометарки кои се предводени од Милева Велкова, дознава 24Ракомет.

Мркиќ потекнува од Велес, во Македонија играше за Еуростандард ЃП, Кометал ЃП и Жито Прилеп, пред да започне со настапите во странство во 2012 година. Беше дел од грчкиот Патрас, романскиот Муресул, шпанската Малага, Прогресо од Ангола, српскиот Бор, исландската Грота, германскиот Хановер…

Потоа играше три сезони во италијанските клубови Гереире, Понтинија и Ериче, а во 2021 година беше прогласена за најдобра странска ракометарка во Италија. Следуваше една сезона во Стјорнан од Фарски Острови, а играше и во израелскиот шампионат, во дресот на Хапоел Ришон Ле Зион.

Беше дел од сите младински селекции на Македонија, но немаше многу прилики да го покаже својот квалитет во сениорската репрезентација.

Претходно потписи на договорите со Ѓорче Петров 2 ставија Антонела Ѓероска, Миа Маринчов, Марија Димоска и Бојана Георгиевска, средните бекови Меланија Јовановска, Jана Петровска, Михаела Димитриевска и Ева Ѓорѓиевска, пивотите Мирјана Наумоска и Симона Блажеска, десниот бек Тара Аврамоска, десните крила Бојана Паловска и Сара Ристовска, левите крила Ангела Цветановска и Теодора Спасоевска, како и голманките Дарија Наумоска, Софи Гошевска и Сара Илиоска.

Ѓорче Петров 2 го освои второто место во Првата лига и се врати во суперлигашката конкуренција по триумфот над Пелистер во бараж пресметката.