Македонската машка кадетска репрезентација ќе биде дел од ЕП 2026 во Белград, а за сите што сакаат во живо да ги гледаат нашите млади ракометари, билетите веќе се пуштени во продажба.
Европската ракометна федерација објави дека влезниците за шампионатот, кој ќе се игра од 29 јули до 9 август во српската престолнина, веќе можат да се купат, што е добра можност и за македонските навивачи ако се знае дека Белград е релативно блиску и лесно достапен за патување.
Македонија ќе настапи во групата А, каде за ривали ќе ги има селекциите на Словенија, Франција и Шведска, што значи дека нашите млади ракометари веднаш ги чекаат силни и атрактивни натпревари.
Распоредот на Македонија во групната фаза е следен:
29 јули, Македонија – Словенија
30 јули, Македонија – Франција
1 август, Македонија – Шведска
Достапни се три категории билети.
Дневен билет за една сала е 1.000 српски динари (околу 8,52 евра),
Дневен билет за сите три сали е 1.500 динари (околу 12,78 евра),
Пакет-билет за целиот турнир и за сите три сали чини 9.000 динари (околу 76,67 евра). Сите билети може да се купат ТУКА.
За македонските љубители на ракометот ова е убава можност одблиску да ја проследат новата генерација, особено ако се знае дека европските првенства во младинските категории често се прв голем излог за идните сениорски репрезентативци. А со оглед на близината на Белград, јасно е дека Македонија и таму може да има своја поддршка од трибините.























