Струга и Пелистер остануваат во Супер лигите!

Иако беа елиминирани во бараж пресметките за опстанок во елитните конкуренции од Младост Богданци и Ѓорче Петров 2, тимовите на Струга кај мажите и Пелистер кај жените, и претстојната сезона повеќе од сигурно ќе бидат дел од суперлигашкото друштво.

Двете екипи добија покана од РФМ да ги пополнат слободните места во најсилното натпреварување, и тие се веќе вклучени во предлог пропозициите за следната сезона. Во понедленик е конференцијата на клубови во сите лиги кога и дефинитивно треба да се знае составот на екипите во секоја сениорска лига.

Еден од најстарите македонски клубови и клуб што дал многу македонски репрезентативци во сите категории, Струга од ова лето сврте нова страница во клупската историја со ново раководство, а поради тоа што Пролет се откажа од настап во елитата, Струга доби шанса и наредната сезона да игра таму каде што играше досега. Но, тоа треба и офиицијално да го потврдат од клубот, дека прифаќаат играње.

Струга веќе почна со формирањето на ростерот, а првите нови имиња веќе се најавени – голманот Мартин Јовановски, левиот бек Христијан Крстаноски и десниот бек Пеце Рајатоски, кои своевремено беа дел од клубот и доаѓаат во позната средина.

Во Супер лигата кај мажите одново треба да играат 12 екипи, а покрај Струга тука се Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Охрид, Бутел Скопје, Вардар, Куманово, Прилеп, Тиквеш, Младост Богданци и двете екипи од Автокоманда.

Кај дамите, Пелистер, исто така треба да игра во Супер лигата, а веќе донесе две засилувања – голманката Ана Марија Горковска и пивотменот Алексија Ангелкоска. Во суперлигашкото друштво кај дамите како и лани треба да играат осум екипи. Покрај битолчанки тука се Ѓорче Петров, Ѓорче Петров 2, Чаир, Куманово, Вардар, Атлетик и Спартак.