Во новите предлог пропозиции за следната наатпреварувачка сезона стои дека во бараж ќе можат да играат само ракометари пријавени на почетокот на сезоната, пред пролетниот дел или играчи со најмалку 10 настапи за клубот. Нема повеќе ангажирање играчи за „еден меч“
Ракометната федерација на Македонија во новите пропозиции за Супер машката лига воведува важна новина, која во иднина треба да стави крај на практиката клубови во последен момент да се засилуваат специјално за бараж натпревар.
Во предлог документот за натпреварувачката сезона 2026/27 е вметнато правило според кое право на настап во бараж натпревар ќе имаат само ракометари што се уредно пријавени на почетокот на сезоната, ракометари што се уредно пријавени пред почетокот на пролетниот дел, како и ракометари што до баражот имаат одиграно најмалку 10 натпревари за клубот. Ова правило се однесува на клубот што игра бараж.
Со ова, практично се затвора можноста пред клучниот меч за опстанок или влез во Супер лигата да се носат „инстант“ засилувања, кои претходно не биле дел од сезоната на клубот. Во иднина, баражот ќе мора да се игра со ракометари што реално биле дел од екипата, а не со играчи ангажирани само за еден натпревар.
Тоа е важен потег за регуларноста на натпреварувањето. Баражот е натпревар што одлучува за суперлигашки статус, спортски и организациски може да има голема тежина за клубовите. Затоа новото правило треба да донесе поголема фер-плеј рамнотежа меѓу тимот што цела сезона се борел во Супер лигата и тимот што доаѓа од Првата лига.
Системот за новата сезона предвидува Супер машката лига да брои 12 екипи. По регуларниот дел од 22 кола, првите шест ќе играат плеј-оф, а екипите од седмото до 12. место ќе играат плеј-аут, со пренесени бодови од првата фаза.
По завршувањето на плеј-аутот, 12-пласираната екипа директно испаѓа во Првата лига, додека 11-пласираната ќе игра бараж со второпласираната екипа од Првата лига. Првопласираниот тим од Првата лига директно влегува во Супер лигата за сезоната 2027/28.
Во новите пропозиции се прецизира и ростерот на клубовите. Секоја екипа за сезоната 2026/27 мора да пријави листа со минимум 16 и максимум 35 ракометари со валиден лекарски преглед за да добијат лиценца и да бидат внесени во системот. Ако тоа не биде направено, екипата нема да биде вклучена во системот на натпревари.
На самиот натпревар, екипите во записник може да внесат најмногу 16 ракометари и пет службени лица. Дополнително, пред натпревар мора да бидат пријавени минимум 14 ракометари, во спротивно натпреварот нема да се одигра и ќе биде регистриран службено за противникот.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























