Еурофарм Пелистер во сабота ќе може да ја подготвува сопствената промоција како шампион на Македонија, да направи уште една голема журка со своите навивачи а истовремено ќе ги добие и медалите и пехарот. Салата е веќе распродадена, а според последните информации ќе има и претставници од РФМ кои ќе му го доделат пехарот, доколку битолчани ја одбранат титулата.
Претходно РФМ ги извести клубовите дека ниту еден тим нема да има предност, ниту Еурофарм Пелистер ниту Вардар, туку промоцијата на шампионот ќе биде некој нареден ден кога тоа ќе го одреди првакот, сега од канцеларијата на федерацијата стигнува друга информација. РФМ сепак предност ќе им даде на битолчани, кои доколку го потврдат резултатот што го очекуваат и посакуваат, веднаш ќе има сцечена церемонија.
Во случај да киксне Еурофарм Пелистер, тогаш првак би бил Вардар, па на нив дополнително ќе им биде доделен пехарот и медалите. Но, засега Еурофарм Пелистер ќе има предност.
Преодниот пехар веќе го има Еурофарм Пелистер од ланската сезона и ќе остане во салата „Боро Чурлевски“ а ќе има и претставник од РФМ кој ќе ги додели медалите и пехарот во трајна сопственост, доколку битолчани освојат најмалку бод против актуелниот вицепрвак од Автокоманда. Еурофарм Пелистер сега има два бода предност во однос на Вардар, и на „зелените“ им треба најмалку реми на последниот дуел пред домашна публика.
Во ист термин ќе се играат двата натпревари кои можат да решаваат за титулата, во Битола и во Скопје. И двата се закажани за 18 часот.