Во Битола падна тимот на Лазаров – Еурофарм Пелистер мина втор низ целта!

Тимот на Еурофарм Пелистер ја заврши сезоната со сигурна победа над „сино-белите“ од Автокоманда со 31-26 и го потврди второто место во македонската Супер лига, кое носи место во Лигата на Европа.

Битолчани и охриѓани сезоната ја завршија со ист број на бодови – 52, но пелистерци имаат подобар меѓусебен скор и затоа се втори на табелата. „Гладијаторите“ исто така може да се надеваат на место во Лигата на Европа преку „вајлд-карта“.

Гостинските ракометари отворија со водство од 3-0, а домаќините имаа големи проблеми со реализацијата, промашувајќи три пенали во низа. Сепак, битолчани брзо се консолидираа и успеаја да се вратат во игра, но потоа тимот на Лазаров одново имаше плус три, 12-9.

Дополнителен проблем за гостите беше повредата на Урош Борзаш, кој по незгоден доскок мораше да го напушти теренот. До крајот на првиот дел  Еурофарм Пелистер ја намали негативата на само еден гол, 15-14, а клучниот пресврт се случи на стартот на второто полувреме.

Гостинскиот состав направи три технички грешки по ред, што битолчани го искористија за прво водство, 16-15. Потоа блесна голманот Хеидарирад, кој со серија важни интервенции му даде дополнителна сигурност на својот тим, додека Радивојевиќ и соиграчите ја зголемија предноста на 21-18.

До крајот битолскиот состав рутински ја контролираше играта и резултатот, па заслужено стигна до голема победа.

Најефикасен кај победничкиот тим беше Филип Кузмановски со седум гола, а голем придонес имаше и Хеидарирад со осум интервенции во второто полувреме. Кај тимот од Автокоманда се истакна Дамјан Митев со седум погодоци, додека Филип Николов постигна пет гола.