ФОТО: РК Мелсунген

Висла Плоцк нуди ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА за Небојша Симиќ?!

Полскиот вицешампион Висла Плоцк покажува интерес за голманот на Мелсунген, Небојша Симиќ, а според „Sport Bild“, трансферот би можел да чини дури 500.000 евра.

Според германскиот медиум, Висла е заинтересирана за црногорскиот репрезентативец, кој е меѓу најдобрите голмани во Бундес лигата.

Симиќ во јануари ќе наполни 34 години, а зад него е период исполнет со проблеми со повредата на коленото поради која ја пропушти речиси целата претходна сезона.

Токму затоа, високата сума за неговиот трансфер предизвикува реакции во Полска, каде се поставува прашањето дали Висла навистина би била подготвена да плати толку голема отштета за искусниот голман.

Симиќ има договор со Мелсунген до 2029 година, па доколку Висла сака да го ангажира пред истекот на соработката, полскиот клуб би морал да преговара со германскиот тим.

Црногорецот ја одработува деветтата сезона во Мелсунген, откако дојде во 2017 година од шведскиот Кристијанштад.

Висла Плоцк следното лето ќе остане без Миљан Вујовиќ кој се враќа во Слован Љубљана, а Мирко Алиловиќ би можел да ја заврши кариерата, па полскиот тим бара екстра голман за наредната сезона.