Висла ќе игра со јуниори на првенствен меч за да бидат одморени за Вардар!

Висла Плоцк се враќа од Скопје со два бода, но и со сериозен проблем во распоредот. Полскиот тим не успеал да го помести неделниот првенствен натпревар со Хробри Глогов, па раководството и стручниот штаб размислуваат за необичен потег - првиот тим да одмора, а за бодовите во Суперлигата да играат јуниорите.

Победата над Вардар во Скопје со 32-26 донесе два важни бода за Висла Плоцк во Лигата на шампионите, но полскиот клуб веднаш по натпреварот се соочи со друг проблем – календарот. Висла во четврток вечер играше во „Јане Сандански“, а веќе во недела треба да гостува кај Хробри Глогов во домашното првенство.

Целиот тим во петокот е на пат од Скопје кон Полска. За сабота наутро во Плоцк се планирани медицински тестирања на играчите, биолошка регенерација и тренинг, а само еден ден подоцна, во недела од 15 часот, на програмата е гостувањето кај Хробри. Терминот на натпреварот е потврден и во официјалниот календар на Висла и во системот на полските натпреварувања.

Од Висла јавно потврдија дека нема можност да се промени терминот на натпреварот со Хробри, па сега стручниот штаб и раководството треба да донесат одлука со каков состав ќе отпатуваат на гостувањето.

Во игра се две опции:
Првата е Висла да настапи со првиот тим и покрај заморот од европското гостување и патувањето од Скопје.
Втората, многу поинтересна, е во Глогов да биде испратен јуниорскиот состав на Висла, додека најдобрите ракометари ќе останат во Плоцк и ќе се подготвуваат за новиот европски предизвик.

Одлуката клубот најави дека ќе ја соопшти во сабота.

За Висла ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што следниот европски натпревар повторно е против Вардар. Полјаците во недела треба да играат со Хробри, а само три дена подоцна – во среда, 14 октомври, во Плоцк ќе го пречекаат Вардар во четвртото коло од Лигата на шампионите. Актуелниот распоред на ЕХФ го води натпреварот за 20,45 часот.

Тоа практично значи дека Висла во период од само шест дена има три натпревари – гостување кај Вардар во Скопје, гостување кај Хробри во Глогов и повторно дуел со Вардар, овојпат во Плоцк. Покрај натпреварите, тука е и патувањето од Македонија назад во Полска, што дополнително го намалува времето за регенерација.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾