Еурофарм Пелистер сигурен против Куманово – битолчани привремено се лидери

Еурофарм Пелистер го совлада Куманово со 36-23 (18-11) во Битола, во првиот натпревар од шестото коло на ракометната Суперлига. Со победата, битолчани стигнаа до 11 бода и привремено го презедоа првото место на табелата.

Гостите се држеа до 4-4 во седмата минута, но Еурофарм Пелистер потоа почна да ја гради предноста. Филип Кузмановски и Рудолф Хакбарт беа во прв план при водството од 9-5, а во 18. минута домаќините веќе имаа шест гола разлика, 12-6. На паузата заминаа со 18-11.

Битолчани не го намалија темпото ни по одморот. Во 38. минута Петар Атанасијевиќ погоди за прва двоцифрена предност, 22-12. Куманово не успеа да ја доведе победата во прашање, а Пелистер во 55. минута стигна и до највисоките плус 14, 34-20. Мечот заврши со 36-23.

Филип Кузмановски беше најефикасен кај победникот со седум гола. Атанасијевиќ постигна шест, Хакбарт пет, а Цветан Кузманоски и Малик Татар по четири. За Куманово, Наум Костов постигна осум гола, додека Бојан Гичев и Омар Солиман Радван додадоа по пет.

По овој меч Пелистер има 11 бода од шест натпревари. Вардар и тимот од Автокоманда имаат по 10 бода од пет средби и допрва треба да ги одиграат натпреварите од шестото коло. Куманово останува на еден бод од шест меча.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾