🎥 ВИКЕНДОВ НА 24РАКОМЕТ… Бековскиот сестрински тандем кој ја одбележа сезоната

Македонската ракометна сцена изобилува со фамилијарни врски, а од нив сезонава во најсилната женска лига белег оставија сестрите Ангела и Марија Јанкуловски. Бековскиот тандем на ЖРК Ѓорче Петров имаше одличен настап, како во домашното првенство, каде „лавиците“ стигнаа до двојна круна, така и во Европскиот куп, во кој ѓорчепетровки се најдоа во ТОП 8, што е прв (по)голем резултат на еден женски клуб, по распаѓањето на шампионскиот ЖРК Вардар.

Ангела (21), која е лев бек, сезоната ја финишираше во ТОП 3 стрелци на европско тло во клупски рамки, додека Марија (18), како организатор на играта, беше избрана за најкорисен играч на финалниот турнир од Купот на Македонија. Сестрите кои потекнуваат од Битола својата ракометна приказна сега ја пишуваат во Скопје, со надеж дека во блиска иднина ќе бидат дел од некој европски клуб.

Девојките потекнуваат од спортско семејство, но се и музички потковани (Ангела свири на гитара, а Марија – виолина). Во ракометот влегуваат по сопствена желба и сега се комплетно фокусирани на него. Марија, се најде и на потесниот список на младинскиот национален тим за претстојното Светското првенство, а таа воедно е и матурант и размислува каде да го продолжи образованието, па ја очекува долго топло лето. Ангела е на „слатки маки“ – дали ќе остане во редовите на ЖРК Ѓорче Петров или пак, ќе влезе во интернационалните води?

Интервјуто со Ангела и Марија Јанкуловски читајте го викендов на 24Ракомет…