Познати се финалистите на Светското првенство за младинки кое се одржува во Кина. Германија и Данска ќе се борат за златниот медал, додека актуелниот светски шампион Франција ќе мора да се задоволи со натпревар за бронза против Шпанија.
Германките ја прекинаа победничката серија на Франција и славеа со 36-31, елиминирајќи го актуелниот шампион. Тоа ќе биде прво финале за Германија на младински Мундијал уште од 2008 година, кога ја освои светската титула.
Франција подобро го отвори натпреварот, но Германија со серија од 5-0 го презеде водството и во поголемиот дел од средбата ја контролираше играта. Французинките успеаја да направат пресврт во второто полувреме и да поведат со 19-16, но повторно следуваше германска серија од 5-0 која го одлучи победникот.
Во самиот финиш Франција се доближи на само еден гол (31-30), но неколкуте грешки во нападот беа сурово казнети. Германија со нова серија од 5-0 го завери триумфот и обезбеди место во финалето.
Ајлин Борнхард беше најефикасна кај победникот со девет гола, Фареле Њинкеу постигна осум, додека Руслана Литвинов беше прогласена за најкорисна ракометарка на натпреварот.
Во второто полуфинале Данска по голема драма и продолженија ја совлада Шпанија со 30-29.
Во регуларните 60 минути резултатот беше 25-25, а Шпанките беа многу блиску до историско финале. На нешто повеќе од една минута до крајот имаа напад за два гола предност, но не го искористија, а Данска израмни на десет секунди пред сирената.
Во продолженијата Данска прва поведе со два гола разлика, но Шпанија повторно се врати и дури поведе со 29-28. Сепак, данските ракометарки останаа смирени во самиот финиш. Голманката Фреја Фонсека Нилсен ја запиша клучната одбрана, а Сесили Викинг Антивакис го постигна победничкиот погодок за 30-29.
Со ова Данска се пласираше во своето шесто финале на Светските првенства за младинки и ќе се обиде да ја освои третата титула во историјата, по триумфите во 1997 и 2016 година.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























