Новото засилување на Вардар, францускиот лев и среден бек Матео Фадуил, со големи амбиции пристигнува во Скопје.
Во интервју за „Handnews“, 24-годишниот ракометар откри дека понудата од македонскиот шампион ја прифатил без многу размислување, бидејќи ја видел како идеална можност да направи исчекор во кариерата.
„На 24 години си реков дека ова е одлична можност. Сакав да ја искористам шансата и да се докажам на највисоко ниво, да ѝ покажам на Европа и на светот дека можам да бидам играч од таа класа“, изјави Фадуил.
Французинот по четири успешни сезони во Трембле сега ќе го облече дресот на двократниот европски шампион, кој повторно ќе настапува во Лигата на шампионите.
Ждрепката сакаше Вардар и Нант да бидат во иста група, што за него ќе има посебно значење. Тој потекнува од академијата на францускиот клуб и со нетрпение го очекува враќањето во „Х Арена“.
„Веќе го означив тој натпревар во календарот, а истото го направија и многу мои блиски. Пресреќен сум што повторно ќе играм во таа сала и ќе се соочам со неколку мои пријатели“, рече новиот организатор на играта на Вардар.
Фадуил истакна дека добро знае каква атмосфера владее на натпреварите на Вардар и токму тоа било една од причините да го избере македонскиот клуб.
„Јас сум играч кој се храни од таква атмосфера и мислам дека салата во Скопје може да ме издигне на уште повисоко ниво. Токму поради ваквите емоции го играм ракометот“, порача францускиот интернационалец.
Во новата сезона Фадуил ќе има можност да ја почувствува атмосферата на натпреварите во Скопје, како и жештината на македонските дербија, додека Вардар ќе се обиде повторно да биде конкурентен во Лигата на шампионите.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























