Динар е минато за Црна Гора – ќе биде селектор на ривал на Македонија!

Легендарниот Французин Дидие Динар повеќе не е селектор на машката репрезентација на Црна Гора. На трофејниот стратег му истече договорот по завршувањето на баражот против Словенија за пласман на Светското првенство, а во иднина ќе ја предводи националната селекција на Луксембург. Oваа репрезентација е противник на Македоннија во квалификациите за ЕП 2028, па Лазаров ќе си има работа со некогашниот соиграч од Сиудад Реал.

Динар ја презеде Црна Гора во октомври 2024 година, како еден од најтрофејните тренери што некогаш седнале на клупата на црногорскиот национален тим. Под негово водство, Црна Гора ги одигра најуспешните квалификации за ЕП од стекнувањето на независноста, забележувајќи четири победи, едно реми и само еден пораз, со што обезбеди место на ЕП 2026.

На континенталниот шампионат Црногорците не успеаја да се пласираат во главната рунда, а потоа во баражот за Светското првенство беа елиминирани од Словенија по два неизвесни и квалитетни натпревари, оставајќи добар впечаток и покрај неуспехот.

„Ова не беше лесна одлука, бидејќи за времето поминато во Црна Гора изградив одлични односи со играчите, стручниот штаб и сите во Ракометниот сојуз. Горд сум на периодот што го поминавме заедно и благодарен сум за довербата. Сепак, ја прифатив понудата од Луксембург, пред сè поради семејни причини и моите долгорочни планови. Од срце ѝ посакувам многу успеси на Црна Гора и верувам дека оваа репрезентација има квалитет за големи резултати“, изјави Динар.

Црна Гора нема да игра на Мундијалот во Германија, но време за чекање нема бидејќи во ноември годинава стартуваат квалификациите за ЕП 2028, па во најскоро време треба да биде познат новиот предводник.

Црногорците се во група со Фарски Острови, Унгарија и Косово, додека Македонија ќе бие битки со Шведска, Грција и Луксембург. Динар со новата репрезентација ќе гостува во Скопје на стартот на квалификациите на 4/5 ноември.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________