Ракометарите на Прилеп во натпревар од 8. коло во Супер лигата за ривал го имаат тимот на Бутел Скопје.
За прилепчани дуелот против Бутел Скопје е од голема важност, бидејќи со евентуална победа ќе останат во игра за плеј-оф фазата.
Капитенот на Прилеп, Филип Велески, ги сподели своите очекувања за утрешниот дуел и најави голема борба за освојување на трите бода.
,,Се подготвуваме максимално за натпреварот со Бутел Скопје и знаеме дека овој дуел ќе биде доста тежок, но ние секако ќе го дадеме максимумот. За да оствариме позитивен резултат на оваа средба треба да одиграме на големо ниво и без многу грешки. Добро е што ги имаме сите играчи на располагање и атмосферата во тимот е одлична. Знаеме дека Бутел Скопје е одлична и искусна екипа”, изјави Велески.
Прилеп на дел од одиграните натпревари немаше среќа, но Велески се надева дека резултатите сами ќе си дојдат по себе.
,,Секогаш може подобро да се одигра, во одредени моменти можеби немавме спортска среќа, но тоа е минато и сега се фокусираме на следните дуели. Со оглед на натпреварите што ги имавме и она што го покажавме на теренот, можам да кажам дека сме на добар пат. Секојдневно тренираме и верувам во овие момци кои секогаш се подготвени да го дадат максимумот. Наше е добро да се подготвиме за следните дуели и да ја играме нашата игра, а резултатите сигурен сум дека ќе бидат позитивни”, заврши Велески.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Прилеп ќе се одигра утре со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Андон Димитров“.