Лазовиќ избра за „Трофеј Македонија“ – Црна Гора со 22 ракометарки и две дебитантки во Охрид

Селекторката на Црна Гора, Сузана Лазовиќ, за ЕХФ неделата повика 22 ракометарки. На списокот се најголемиот дел од ракометарките кои ги изнесоа квалификациите за ЕП 2026, во кои Црна Гора го освои првото место во групата со пет победи и еден пораз.

„Лавиците“ ќе бидат дел од „Трофеј Македонија“, кој од 24 до 26 септември ќе се игра во Охрид. Покрај нашата селекција и Црна Гора, на турнирот ќе настапат уште Србија и Хрватска.

Во составот на Црна Гора има и нови имиња. Деби во сениорската репрезентација ќе имаат пивотот на Наиса Ниш, Христина Решетар, и средниот бек на АЕК, Маја Цеклиќ.

Лазовиќ повика и неколку млади ракометарки кои се очекува да бидат важен дел од иднината на црногорскиот ракомет. Меѓу нив е и средниот бек на Цвикау, Нина Рамусовиќ, како и Андреа Драгниќ и Ивана Савиќ, кои летово го освоија сребрениот медал на Светското првенство за младинки.

Тука се искусната голманка Атингре, потоа средниот бек Плетикосиќ (Шошо), кружниот напаѓач Брновиќ, левиот бек Јауковиќ, десниот бек Ивановиќ…На списокот ја нема Итана Грбиќ, која заврши со настапите за националниот тим.

Драгниќ беше избрана во идеалниот тим на шампионатот во Романија, додека Савиќ веќе на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите покажа дека има сериозен потенцијал.

Репрезентацијата на Црна Гора ќе се собере на 21 септември, а само неколку дена подоцна следува настапот на „Трофеј Македонија“ во Охрид.

За „лавиците“, турнирот ќе биде прва сериозна проверка пред Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција. Црногорките се најдоа во незгодна група со Исланд, Словенија и Унгарија.