На турнирот во Охрид завршија последни, сега го освоија Супер Купот на Грција

Олимпијакос продолжува со доминацијата во грчкиот ракомет и по петти пат во низа го освои трофејот во Супер Купот на Грција.

Во натпреварот за првиот трофеј во новата сезона, тимот предводен од Рикардо Трилини убедливо го совлада АЕК со 35-24. Победникот уште по првото полувреме имаше предност од осум гола (17-9), а во вториот дел рутински ја одржа високата разлика.

Најефикасен во составот на Олимпијакос беше аргентинскиот репрезентативец Томас Кањете со седум погодоци, а за МВП беше избран некогашниот голман на Еурофарм Пелистер, кој сега брани за Олимпијакос, Карим Хендави.

Олимпијакос летоска беше дел од турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид и заврши на последното место по четири порази од Вардар, Тримо Требње, Нексе Нашице и Египет У20.