Денеска во центарот на вниманието ќе биде пресметката меѓу Вардар и францускиот Нант во второто коло од Лигата на шампионите.
Македонскиот шампион со многу проблеми со играчкиот кадар ја дочекува оваа пресметка – нема да играат Стојановски, Бомаштар, Лазаревски и Митровиќ, a не е подготвен ниту Да Силва, па Чупиќ ќе смета на 15 ракометари.
Вардар мора да брка победа за да ги остави живи надежите за ТОП 12 во најелитното европско клупско натпреварување. Нант доаѓа во Скопје по импресивна победа над Екс Ан Прованс со десет гола разлика, 38-28, а голманот Иван Пешиќ се врати во составот откако не играше со Висла Плоцк.
Во составот на гостите нема да биде само Ромен Лагард, кој ќе биде отсустен на неодредено време по смртта на неговиот син.
Вардар и Нант досега имаат две соочувања од сезоната 2017/18, и секоја екипа победуваше на свој терен. Денешниот натпревар се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот.

























