Ракометарките на Вардар ја забележаа втората победа во плеј-оф фазата од Женската лига, откако на свој терен славеа против Астибо со 43:20.
Избраничките на Платон тргнаа фуриозно, поведоа со 7:3, и како одминуваше времето, така гостинките го губеа ритамот, додека домашниот тим ја зголемуваше разликата.
Второто полувреме беше само формалност и рутинска одработка на задачата од страна на „црвено-црните“, кои без проблем ја задржаа предноста до самиот крај.
Кај победничката екипа прв стрелец беше Сара Богојеска со седум погодоци, а ја следеше Нина Неделковска со пет реализации.
Во отсуство на Анчева, кај гостинскиот табор се истакнаа Елена Вучевска, која беше и најефикасна на натпреварот со десет погодоци.
Вардарки во следното коло ќе гостуваат кај Чаир, додека Астибо на свој терен ќе го пречека Куманово.