Селекторката на Србија, Сандра Колаковиќ, го објави списокот на ракометарки, вкупно 24, на кои ќе смета за настап на „Трофеј Македонија“ од 24 до 26 септември во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.
Таа ќе смета на комбиниран тим, најголем дел од српскиот шампионат, плус неколку интернационалки, кои ќе добијат шанса за докажување на дуелите со Македонија, Црна Гора и Хрватска.
Од репрезентацијата се прости Катарина Крпеж Шлезак, додека Драгана Цвијиќ ја заврши кариерата. Јована Јововиќ се опоравува од тешка повреда на рамото и најверојатно нема да биде подготвена за Европското првенство, кое започнува за помалку од два месеци.
За оваа акција, од поискусните ракометарки не се повикани ниту Сања Радосављевиќ, Јована Рисовиќ, Анѓела Јањушeвиќ, Гордана Петковиќ и Сара Гаровиќ.
Од носителките на играта остануваат искусните бекови Јована Скобиќ и Александра Вукајловиќ. Во репрезентацијата се враќа средниот бек на Црвена звезда, Теодора Мајкиќ, која претходно беше репрезентативка и кај Урош Брегар, но поголема улога имаше токму кај Сандра Колаковиќ.
На десната бековска позиција шанса да се наметне за Европското првенство ќе добие и новата ракометарка на српскиот шампион Црвена Звезда, младинската репрезентативка Лара Станиќ. Ново име на списокот е и искусната Катарина Манчиќ од Бор.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 17 септември во Крушевац, додека на 23 септември избраничките на Сандра Колаковиќ ќе допатуваат во Охрид.
„Ова е првиот собир на репрезентацијата со кој ги започнуваме подготовките за Европското првенство во декември. Воедно, ова е и прва можност за поставување на системот на игра, бидејќи во март и април се занимававме само со квалификациите. Немавме доволно простор за работа, бидејќи примарната цел беше пласманот. Ова е можност да ги видиме сите кандидатки, а бидејќи ги следев сите потенцијални репрезентативки, морам да кажам дека вниманието го привлекоа и некои нови девојки. Така, на списокот се најде Теодора Мајкиќ, која ја носи играта на Црвена Звезда и игра во континуитет. Тука е и Лара Станиќ, која се наметнува на десната бековска позиција. Тука е и Катарина Манчиќ од Бор на пикерската позиција, која со своите игри се наметна. По пензионирањето на Драгана Цвијиќ, на таа позиција од поискусните ни остана само Бојичиќ, покрај неколку млади ракометарки. Манчиќ се врати по породилното отсуство и со своите игри заслужи повик во репрезентацијата. Тука е и Јелена Кнежевиќ, искусна ракометарка која сакам да ја видам, додека Ања Вујновиќ ќе добие шанса, но на бековската позиција“, вели Колаковиќ.
Шанса во Македонија ќе добијат и помладите голманки.
„Во консултација со Катарина Томашевиќ, тренерот на голманите, одлучивме на овој турнир да видиме некои други кандидатки. Сите знаеме како брани Гордана Петковиќ и во овој момент таа е сигурен член на репрезентацијата, но мораме да ги видиме и останатите кандидатки.“
Список на Србија:
Голманки: Марија Симиќ (Кобержице, Полска), Александра Шарац (Естерхази, Унгарија), Анастасија Неделковиќ (Наиса), Ивона Грујичиќ (Раднички)
Леви крила: Александра Стамениќ (Црвена Звезда), Наташа Четковиќ (Наиса), Јелена Стојановиќ (Наиса)
Десни крила: Тијана Симиќ (Црвена Звезда), Зорица Ранковиќ (Раднички), Миа Неделковиќ (Бор), Дуња Радевиќ (Будуќност)
Пикери: Катарина Бојичиќ (Црвена Звезда), Катарина Манчиќ (Бор), Тамара Којиќ (Бор), Јелена Кнежевиќ (Брул, Швајцарија)
Бекови: Јована Скробиќ (Будуќност), Александра Васиќ (Бор), Нора Фајфриќ (Наиса), Тамара Мандиќ (Наиса), Александра Вукајловиќ (Црвена Звезда), Теодора Мајкиќ (Црвена Звезда), Милица Игњатовиќ (Кобержице, Полска), Лара Станиќ (Црвена Звезда), Ања Вујновиќ (Бањик Мост, Чешка)























