Европскиот првак Барселона и тренерот Карлос Ортега постигнаа договор за продолжување на соработката до 2031 година. Со новиот договор, шпанскиот стратег ќе остане на клупата на каталонскиот гигант до една деценија од неговото пристигнување во клубот.
Продолжувањето на соработката е награда за резултатите што Ортега ги постигна откако седна на клупата на Барселона. За само пет сезони, тој ја предводеше екипата до три титули во Лигата на шампионите – во сезоните 2021/22, 2023/24 и 2025/26.
Уште поимпресивно е што Барселона со Ортега во секоја од петте сезони стигна до Ф4 турнирот во Келн.
Под негово водство, каталонскиот клуб освои и Светско клупско првенство, како и сите домашни трофеи во конкуренција – пет титули во АСОБАЛ лигата, по пет трофеи во Иберискиот Супер Куп и во Купот на кралот.
Сезоната 2025/26 засекогаш ќе остане запишана во историјата на Барселона. Тимот успеа да ги освои сите седум трофеи за кои се бореше. Такво нешто во историјата на каталонскиот ракомет претходно се случило само двапати – во сезоните 1999/00 и 2014/15.
Ортега по продолжувањето на договорот не го криеше задоволството.
„Јас сум во најдобриот клуб на светот и не би можел да бидам подобро на ниту едно друго место. Многу сум му благодарен на клубот и на претседателот за довербата од самиот почеток. Моето семејство и јас сме многу среќни поради ова продолжување и што ќе останеме уште многу години тука“, изјави Ортега.
Шпанскиот тренер призна дека договор до 2031 година е исклучително долг за еден тренер, но според него тоа е доказ за целосната доверба која клубот ја има во него и неговиот стручен штаб.
Тој посебно го истакна значењето на комбинацијата меѓу искусните ракометари, странските засилувања и младите играчи од клупската школа.
„Имаме мешавина од играчи кои се тука многу години, некои странци и млади ракометари кои пораснале во Барселона и знаат што значи овој грб. Тоа беше многу важно за идентификацијата на тимот со клубот и за начинот на кој играме“, заклучи тренерот на Барселона.
























