Тренерот на Висла Плоцк, Хавиер Сабате, беше задоволен од карактерот и зрелоста што ги покажа неговата екипа во победата над Вардар од 32-26.
Полскиот тим имаше два гола негатива на полувремето, но со одлично второ полувреме ги освои бодовите во Скопје.
Сабате по натпреварот им честиташе на своите ракометари, но упати големи пофалби и за атмосферата во СЦ „Јане Сандански“.
„Сакам да ѝ честитам на мојата екипа, бидејќи да се победи овде е многу, многу тешко. Атмосферата за игра е фантастична, а навивачите се одлични и постојано го поддржуваат својот тим. Последниот пат кога бев тука, ако не се лажам, беше во 2017 година и добро знам како е да се игра во ваква атмосфера.“
„Мислам дека нашата екипа покажа голем карактер и голема зрелост во текот на сите 60 минути. Сезоната е долга и ова е само третото коло, но освоивме два многу важни бода. Сега мораме добро да се одмориме, бидејќи имаме многу тежок распоред, и да се подготвиме за неделниот натпревар во полската Суперлига“, изјави Сабате.
Шпанскиот стратег смета дека конечниот резултат не е показател дека Вардар нема квалитет, туку дека Висла со својата игра не му дозволила на македонскиот шампион да го покаже вистинското ниво.
„Мислам дека Вардар е многу силна екипа. Тоа го покажа на натпреварите против Нант и Мелсунген, но и против Охрид пред неколку дена. Сепак, повеќе сакам да зборувам за мојата екипа. Ние со нашата игра направивме Вардар да не може да игра на своето ниво.“
„Нашата одбрана и нашиот напад беа фантастични и стабилни во текот на сите 60 минути. Не му дозволивме на Вардар да игра на нивото што го покажуваше досега во сезоната“, дополни тренерот на Висла.
Двете екипи веќе следната среда ќе го одиграат реваншот во Плоцк, но Сабате не очекува повторување на натпреварот од Скопје.
„Сигурно нема да биде ист натпревар, бидејќи не постојат два целосно исти натпревари. Иако ќе поминат само шест дена и, ако нема непредвидени ситуации, на теренот ќе бидат истите ракометари, мечот ќе биде поинаков. Вардар сигурно добро ќе се подготви, а истото ќе го направиме и ние. Ќе се подготвиме најдобро што можеме за да се обидеме да ги освоиме и тие два многу важни бода“, заврши Сабате.
Вардар се мачеше со полскиот бедем – Висла заслужено славеше во Скопје
Крајевски: Можеме малку да прославиме, но во Плоцк ќе биде уште потешко
























