Тричковски и Гилев со одлични партии во Словенија

Интернационалците од Македонија, Матеј Тричковски и Бојан Гилев, кои настапуваат за Копер, имаат забележителни настапи во младинскиот шампионат во Словенија.

На последната средба меѓу Копер и Рибница во младинскиот шампионат, која ја доби Копер со 35-22, Тричковски даде четири, а Гилев два гола.

Тричковски, кој во претходното коло против Радовљица постигна дури 17 погодоци и го водеше својот тим до победа од 42:27, заедно со екс ракометарот на Металург РА и Голден Арт, Бојан Гилев, моментално се наоѓаат меѓу најдобрите 50 стрелци.

Двајцата ракометари на шест одиграни натпревари зад своето име запишаа по 27 погодоци и ја делат 43. позиција на листата на стрелци. Словенија е позната по добрата работа со младинските категории, па така напредокот на Тричковски и Гилев треба да го следат и македонските селектори.

За потсетување, Тричковски и Гилев играат и за сениорскиот тим на Јадран Козина (на двојна регистрација), кој е предводен од екс вардарецот Матјаж Брумен.

На последната средба од Втората лига на Словенија, Јадран загуби дома од Дол Храстник со 29-24. Тричковски стрелаше пет пати, а Гилев четири пати се запиша во листата на стрелците.