Терзиќ уште една година во Висла Плоцк

Полскиот вицепрвак Висла Плоцк успеа да ја продолжи соработката со кружниот напаѓач Мирсад Терзиќ.

Босанскиот репрезентативец и раководството на клубот од Плоцк се договорија на нова соработка, која ќе биде со важност од една година.

Искусниот ракометар во Висла Плоцк пристигна во сезона 2020/21 од унгарскиот гигант Веспрем.

Веќе четири сезони игра голема улога во одбраната во составот на Хавиер Сабате и неговите одлични настапи, иако има 40 години, беа причина да остане најмалку уште една сезона во амбициозниот тим.

Висла Плоцк првиот дел во Лигата на шампионите го заврши со биланс од три победи и седум порази.

На домашна сцена, тимот на Сабате е лидер на табелата, има 51 бод, додека актуелниот шампион Келце има три бода помалу, односно 48.