Талески: Треба да уживаме играјќи пред 55.000 гледачи, можеби другпат нема да имаме таква шанса!

Машката репрезентација на Македонија ги одработува подготовките во Стара Пазова пред стартот на Европското првенство во Германија.

Левиот бек Филип Талески се приклучи на подготовките пред два дена и го најави учеството на континенталниот собир.

„Премногу сум среќен што повторно со репрезентацијата ќе бидеме дел од едно големо натпреварување како ЕП. Сите знаеме дека Германија живее за ракомет, го сака спортот, вложува во ракометот и за нас ќе биде одлична можност како репрезентација да се докажеме. Среќен сум што сме овде сите заедно со сите момци, искрено да ви кажам, среќни сме и сплотени тука. Мислам дека со оваа атмосфера што ја имаме тука, со новитетите што селекторот ги подготви за нас, имаме големи шанси да се покажеме во најдобро можно светло“, вели Талески.

Македонија ќе игра со Германија, Франција и Швајцарија.

„Имаме една најтешка група што можеше да ја добиеме на ова Европско првенство, меѓутоа за нас тоа е еден предизвик. На ова ЕП ќе се испишува првенство со историја, пред се со навивачи, ќе имаме можност да го отвориме ова ЕП со меч на фудбалски стадион против една Франција, која секогаш напаѓа медал на големите натпреварувања. За нас ќе биде само мотив плус да се натпреваруваме и да се докажуваме против најдобрите. Мислам дека не треба да имаме некој голем притисок, треба да уживаме пред 55.000 фанови на фудбалски стадион, можеби никогаш повеќе во животот нема да имаме таква шанса. Треба да одиграме најдобро што знаеме, пред се за нас, а исто така и за навивачите кои ќе дојдат да не поддржат од Македонија“, продолжи Талески.

По дуелот со Франција на стадион, следуваат пресметки во сала со Германија и Швајцарија.

„Потоа ќе се сретнеме со домаќинот Германија, но тоа не треба да не плаши, во минатото покажавме дека можеме да играме со една Германија. И тие исто така имаат смена на генерации, имаат и доста млади играчи како и ние, а тоа е шанса да докажеме дека сме квалитетни. Најголема шанса за победа имаме против Швајцарија, тоа е ривал со кого имаме бројни натпревари во квалификациите во минатото и верувам дека имаме квалитет за да славиме, по подолго време да стигнеме и до една победа на големите натпреварувања“, заврши Филип Талески.