Гошевска блесна на голот, Македонија запиша прв триумф на Медитеранските игри

Комбинираната селекција на Македонија го запиша првиот триумф на Медитеранските игри, откако славеше со 27-22 над селекцијата на Косово.

Избраничките на Даниела Новеска предводени од голманката Софи Гошевска, уште по првиот дел го најавија победникот.

Поведоа со 7-0 за 13 минути игра, на паузата беше 15-10, а второто полувреме беше одработено рутински без поголеми возбудувања.

Голманката Гошевска имаше дури 18 одбрани со 46% на успешност, додека и Миноска придонесе во финишот со две интервенции. Во нападот најпрецизни беа капитенот Миленкоска со седум и Ристовска со пет погодоци.

Во битката за првото место ќе играат Тунис и победникот од дуелот Грција-Италија, за третото место ќе се сретнат поразениот од овој дуел и Алжир, а за петтото место во конечниот пласман одново ќе играат Македонија и Косово во вторник.