Десет дами водеа репрезентации на летните Мундијали – колку жени тренери има во Македонија?

На СП за кадетки што се играше неодамна во Романија настапуваа 32 репрезентации, а дури десет од нив беа предводени од жени. Речиси секоја трета селекција има жена на позицијата прв тренер, што претставува рекорд и јасен знак дека поранешните ракометарки сè почесто остануваат во спортот и по завршувањето на играчката кариера.

Во центарот на вниманието на сите кадетски и младински Светски првенства се ракометарките кои ги прават првите чекори на големата сцена. Сепак, на младинското СП во Романија се пишуваше уште една важна приказна – десет жени ги предводат своите репрезентации од клупата.

Најголем број дами доаѓаат од Европа. Петра Виткова ја предводи Чешка, Сандра Фернандеш е селекторка на Португалија, Весна Бојковиќ ја води Србија, Кристина Кабеза е на клупата на Шпанија, додека Викторина Бора ја предводеше домашната Романија.

Африка ја претставуваат Надија Бензине со Алжир, Катја Сантос со Ангола и Клементин Мара Тити со Гвинеја. Јанг Со Хи ја води Јапонија, додека Селене Ернандез Сифуентес е селекторка на Мексико.

Не станува збор само за интересна статистика. Најголемиот дел од овие жени се поранешни ракометарки кои по завршувањето на кариерата решиле своето знаење да го пренесат од клупата.

Селекторката на Шпанија, Кристина Кабеза, своевремено играше на позицијата среден бек и уште додека била ракометарка, нејзините колешки ја гледале како иден тренер.

„Кога бев среден бек, сите ми велеа: ќе бидеш тренер“, изјави Кабеза.

Таа смета дека видливоста е една од најважните работи за создавање нови тренери. Колку повеќе девојчињата гледаат жени на клупите на големите натпреварувања, толку полесно ќе поверуваат дека и тие еден ден можат да ја изберат истата професија.

Но патот не е едноставен. Голем број ракометарки ја завршуваат кариерата токму во периодот кога размислуваат за создавање семејство, а усогласувањето на мајчинството со тренерската професија, честите патувања и секојдневните обврски е голем предизвик.

Кабеза нагласува и дека тренерот на младинска репрезентација не е задолжен само за тактика. Кога се работи со тинејџерки, понекогаш тренерот мора да биде и психолог, да го препознае карактерот на секоја ракометарка и да пронајде начин од неа да го извлече максимумот.

Сандра Фернандеш, која ја предводи Португалија, смета дека бројката од десет жени тренери е доказ дека можностите повеќе не треба да зависат од тоа дали тренерот е маж или жена.

„Лидерството не го одредува полот, туку компетентноста, работата и посветеноста“, порача Фернандеш.

Според неа, тренерите треба да бидат оценувани според знаењето, начинот на работа, способноста да носат одлуки и резултатите што ги остваруваат. На младинско ниво победите се важни, но не смеат да бидат единствената цел. Поважно е да се создадат ракометарки кои ќе можат да одговорат на барањата на сениорскиот ракомет.

Меѓународната ракометна федерација неодамна формираше посебна работна група за женскиот ракомет, со која претседава легендарната норвешка голманка Катрин Лунде.

Во групата се вклучени поранешни ракометарки, тренерки, судијки, делегати и функционерки од различни континенти. Целта е да се привлечат повеќе девојчиња во ракометот, да се едуцираат тренерки и судијки и на жените да им се отвори поголем простор во раководните структури.

Каква е ситуацијата во Македонија?

Македонија има жени кои со години работат како тренери, особено во младинските категории. Сепак, кога ќе се погледнат сениорските лиги и позицијата прв тренер, бројката сè уште е мала.

Во текот на сезоната 2025/26 во женската Супер лига три жени ја извршуваа функцијата прв тренер. Јулијана Дамчевска го предводеше Металург Автокоманда, додека на клупата на Вардар најпрво беше Анжела Платон, а во март ја наследи Даниела Новеска. Новеска го водеше Вардар до третото место и ќе остане предводничка на екипата и во новата сезона, во која клубот се враќа на европската сцена. Во екипата на Пелистер, тренер е Моника Талевска која играше на Ф4 на Купот.
Во Супер лигата, во екипата на Чаир помошник тренер е Мери Арсениевска.

Уште поинтересна беше ситуацијата во женската Прва лига. Двете најуспешни екипи ги предводеа жени – Татјана Хмирова беше тренер на Атлетик, а Милева Велкова на Ѓорче Петров 2.

Атлетик со Хмирова доминираше во лигата, го освои првото место и директно се пласираше во елитата. Ѓорче Петров 2 под водство на Велкова заврши втор, а потоа преку баражот исто така обезбеди место во Супер лигата. Така, двете дами кои ги водеа најдобрите прволигаши во новата сезона ќе работат во најсилната женска конкуренција.

Тоа значи дека во сезоната 2026/27 во женската Супер лига веќе се потврдени најмалку четири жени како први тренери – Даниела Новеска во Вардар, Татјана Хмирова во Атлетик, Милева Велкова во Ѓорче Петров 2, и Моника Талевска од Пелистер.

Во машките лиги сликата е поинаква. Нема ниту една жена тренер на машка екипа во моментов, а единствено Билјана Црвенковска е помошник на Кирил Лазаров на екипата од Автокоманда.

Македонскиот ракомет, сепак, има важен историски пример. Андријана Будимир со Скопје во 2021 година ја освои машката Прва лига и стана првата жена што предводела екипа во македонската машка Супер лига.

Билјана Црвенковска, пак, беше дел од стручниот штаб на машкиот тим на Вардар и со клубот ја освои Лигата на шампионите во 2019 година. Во еден период самостојно ја водеше екипата и на натпревар од СЕХА лигата.

Низ екипите во Македонија минатата сезона според списокот на лиценцирани тренери работеа и Тања Андрејева, Даниела Тасеска, Елена Златановска, Александра Џамтоска, Лидија Ажиевска, Александра Кузмановска, Марија Бојковска, Александра Јанев, Јелена Кленкоска Затуроска, Семие Ислами, Николија Јовановска…

Десетте жени на клупите на Светското првенство во Романија покажуваат дека промената веќе започнала. Македонија има свои примери и свои пионерки, но следниот чекор треба да биде тие примери да не бидат исклучок, туку нормален дел од ракометната сцена.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________