Андерсон без влакна на јазикот: Местото во репрезентацијата мора да се заслужи

Олимпискиот шампион Ласе Андерсон отворено зборуваше за својата одлука кариерата да ја продолжи во данскиот второлигаш ХОЈ, но и за можноста тоа да влијае врз неговиот статус во репрезентацијата на Данска.

Искусниот бек признава дека постои огромна разлика меѓу настапите во вториот ранг и играњето во Лигата на шампионите.

„Не е тајна дека спортскиот аспект во Втора лига е многу поразличен. Помеѓу играњето во Втора лига и играњето во Лигата на шампионите има огромна разлика. Во исто време, важно е да се запамети дека сте подобри од другите само ако ја завршувате работата 100%“, вели Андерсон.

На неговата одлука претходно реагираше и селекторот на Данска, Николај Јакобсен, кој призна дека една сезона во второлигашка конкуренција може да влијае врз формата на ракометарот.

„Можно е една година во Втора лига да ја намали неговата добра форма, но тогаш треба добро да се погрижиме за него кога ќе дојде на репрезентативниот собир. Сигурен сум дека Ласе брзо ќе го пронајде своето ниво“, изјави Јакобсен.

Андерсон, сепак, не очекува посебен третман. Напротив, свесен е дека местото во една од најсилните репрезентации во светот мора постојано да се заслужува.

„Секако дека тоа нешто значи. Но, речиси сум сигурен дека ќе ја донесев истата одлука без разлика дали тој ќе кажеше нешто или не. Местото во репрезентацијата никогаш не се добива едноставно. Нема гаранција дека ќе бидам таму. И јас морам да покажам одредено ниво на игра.“