Поранешен шампион нема да игра во елитата – Супер Женската лига има нов член!

Тоа што го најави 24Ракомет пред две недели, денеска доби своја официјализација – еден од клубовите со традиција во македонскиот женски ракомет, ЖРК Куманово, нема да игра во новата сезона од Супер Женската лига.

Во пресрет на новата сезона засега немаше најави за засилувања, подготовките не стартуваа, а во меѓувреме екипата остана без повеќе ракометарки од минатогодишниот состав.

За проблемите во Куманово се пишуваше одамна, клубот се соочува(ше) со сериозна финансиска и организациска криза и дека една од опциите е повлекување од елитното натпреварување. Куманово сепак се пријави за настап во Супер лигата, состојбата оттогаш очигледно не е многу променета. Клубот долго молчеше, но според рокот и пропозициите на Супер Женската лига, Кумановки веќе не се членки на елитната конкуренција.

На местото на Куманово во Супер Женската лига ќе игра екипата на Деспина од Прилеп, иако претходно таква опција му беше понудена на Овче Поле СУ, но тимот од Свети Николе избра да игра во Првата лига.

Куманово остана без сите ракометарки од минатата сезона. Едно од позвучните заминувања е Росана Павлова. Десното крило се пресели во Чаир откако минатата сезона постигна 108 погодоци на 25 натпревари за Куманово.

Голманката Ана Марија Горговска кариерата ќе ја продолжи во Пелистер. Таа минатата сезона имаше повеќе одлични настапи и беше една од ракометарките кои помогнаа Куманово да стигне меѓу четирите најдобри екипи во првенството.

Кружниот напаѓач Михаела Николовска се пресели во Овче Поле СУ, додека младата Меланија Јовановска стана членка на Ѓорче Петров 2. Куманово остана и без двете интернационалки Маријана Азеведо и Аманда Стеин, кои кариерата ја продолжуваат на Кипар, во екипата на Строволу.

Во 2021 година клубот за првпат стана шампион на Македонија и истата сезона ја освои двојната круна. Куманово има и три трофеи во Купот на Македонија – освоени во 2019, 2021 и 2023 година.

Куманово редовно се појавуваше и на европската сцена. Последниот настап беше во Европскиот куп во сезоната 2025/26, кога кумановки беа елиминирани од литванската Каскада Гарлиава со вкупни 63-57, иако на реваншот во Куманово победија со 32-31.

Во Супер Женската лига ќе играат Ѓорче Петров, Ѓорче Петров 2, Деспина, Вардар, Чаир, Спартак, Пелистер и Атлетик, додека Првата лига ќе ја сочинуваат Стружанка, Овче Поле СУ, Астибо, Струга, Јехона, Шампион и Гевгелија Југ.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________