Кога ќе дојде август, Струга повторно станува центар на македонскиот ракомет. Под отворено небо, покрај Охридското Езеро и пред публиката која со децении е дел од оваа приказна, ќе биде напишано новото поглавје од најстариот ракометен турнир во Македонија.
Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Во 1973 година започнала приказната која денес е една од најпрепознатливите спортски традиции во Македонија.
Ракометната федерација на Македонија исто така застанува зад Струшкиот турнир, а генералниот секретар Влатко Тасевски, вели дека македонската куќа на ракометот е секогаш тука за поддршка на вакви или слични настани.
„Честитки до новата управа на Струга. Пред нас е уште едно издание на турнирот, за кој веруваме дека и оваа година ќе биде успешно организиран, како и во изминатите години. Како Ракометна федерација на Македонија, секогаш сме тука да ги поддржиме сите организатори на турнири, клубови и проекти кои имаат за цел развој и промоција на ракометот насекаде низ Македонија. Струшкиот турнир е единствен што се игра на отворено. Имаме задоволство што ваквите настани продолжуваат да се одржуваат, бидејќи тие се важни за клубовите, за ракометарите и за сите љубители на спортот. Уверени сме дека турнирот ќе помине во најдобар ред, со квалитетен ракомет, добра организација и со уште едно успешно издание кое ќе ја продолжи традицијата“, изјави Тасевски.
Турнирот ќе се игра од 12 до 15 август на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ со учество на шест екипи – домаќинот Струга, српскиот тим Дубочица Лесковац, како и Охрид, Вардар, Прилеп и Бутел Скопје.
























