СТРУГА 2026: Ристовски најави поддршка за најстариот турнир – ова е повеќе од спортски настан!

Кога ќе дојде август, Струга повторно станува центар на македонскиот ракомет. Под отворено небо, покрај Охридското Езеро и пред публиката која со децении е дел од оваа приказна, ќе биде напишано новото поглавје од најстариот ракометен турнир во Македонија.

Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Во 1973 година започнала приказната која денес е една од најпрепознатливите спортски традиции во Македонија.

Министерот за спорт Борко Ристовски, кој беше дел од прес-конференцијата за најава на турнирот, истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за спорт секогаш ќе стојат зад вакви турнири, федерации, клубови и поединци кои што продуцираат нешто што значи историја и традиција.

„Во Струга повеќе од 50 години се организира овој турнир и ние секогаш со задоволство ќе го поддржуваме и ќе бидеме покровители, поддржувачи и ќе помагаме во било која форма да биде побарано од нас затоа што Струшкиот турнир навистина претставува историја за македонскиот спорт, историја за ракометот, но и историја на Струга и историја на Македонија. Новото раководство на турнирот и на РК Струга го сочинуваат сериозни луѓе кои навистина вложија многу за да се направи добар турнир, иако времето беше кратко. Верувам дека од следната година турнирот ќе расте, а ќе настојуваме и конечно да се реконструира и игралиштето во Струга и овој турнир да прерасне во нешто налик на турнирот во Добој“, истакна Ристовски.

Министерот за спорт потсети на важноста на Струга како расадник на ракометни таленти и најави поддршка во продолжувањето на оваа традиција.

„Струга отсекогаш била расадник на таленти во ракометот и Струга и денес промовира спортски вредности и овие неколку турнирски денови градот живее во духот на спортот. Ние како Влада и Министерство за спорт ги поддржуваме овие проекти кои промовираат нешто што е наша заедничка цел – промоција на позитивни вредности и што е можно повеќе деца на спортските терени. Се надевам дека заедно ќе успееме Струга повторно да биде успешна ракометна приказна и расадник на ракометни таленти“, порача Ристовски.

Годинава на Струшкиот турнир ќе настапат шест екипи, поделени во две групи. Во групата А се Вардар, Бутел Скопје и Прилеп, додека во групата Б ќе играат домаќинот Струга, Охрид и српскиот претставник Дубочица од Лесковац.

Во досегашните 53.изданија на турнирот најуспешни учесници се РК Вардар и РК Еурофарм Пелистер, кои имаат освоено по 14 трофеи. Актуелен бранител на титулата е РК Охрид, кој минатата година во финалето го совлада РК Бутел Скопје и за првпат го освои турнирот.

 

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________