Кога ќе дојде август, Струга повторно станува центар на македонскиот ракомет. Под отворено небо, покрај Охридското Езеро и пред публиката која со децении е дел од оваа приказна, ќе биде напишано новото поглавје од најстариот ракометен турнир во Македонија.
Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Во 1973 година започнала приказната која денес е една од најпрепознатливите спортски традиции во Македонија.
Спортскиот директор на Струга и претседателот на организацискиот одбор на Струшкиот турнир, Милчо Чакарески, го најави новото издание.
„Струшкиот ракометен турнир е турнир со најдолга ракометна традиција во Македонија и еден од најпрепознатливите во регионот, место каде низ годините свој печат оставиле бројни ракометни виртуози, големи тренери и легенди кои испишувале дел од европската и светската ракометна историја. Низ годините, Струга не беше само домаќин на врвен ракомет. Таа беше место каде се раѓаа нови амбиции, каде клубовите ја проверуваа својата форма пред почетокот на сезоната и каде многупати се најавуваа идните борби за шампионските титули во македонскиот ракомет. Но, пред сè, овој турнир секогаш бил во служба на ракометот – на неговиот развој, неговите вредности и неговата иднина“, вели Чакарески.
Пред нас е 54. издание на турнирот, издание кое покрај богатата традиција носи и нова енергија, нови предизвици и нова ракометна приказна во Струга.
„Оваа година не зборуваме само за уште еден спортски настан. Зборуваме за почеток на една нова ракометна ера во градот. Ако стружани со генерации го препознаваат Струшкиот ракометен турнир како дел од својот идентитет, тогаш веруваме дека дојде време традицијата на силен и квалитетен струшки ракомет повторно да се врати дома. Градот кој повеќе од половина век е домаќин на најзначајниот ракометен турнир во државата, градот кој дал голем број македонски репрезентативци, заслужува повторно да има клуб кој достоинствено ќе ја продолжи оваа традиција и ќе ја врати Струга таму каде што припаѓа – на ракометната мапа на Македонија и Европа“, продолжи Чакарески.
Организацискиот одбор оваа година вложи максимални напори за учесниците, љубителите на ракометот и сите гости да добијат уште едно квалитетно издание на турнирот.
„Веруваме дека пред нас се натпревари исполнети со борбен ракомет, спортски дух и моменти кои долго ќе се паметат. На крај, сакам искрено да им се заблагодарам на Владата на Република Македонија, Министерството за спорт и министерот господин Борко Ристовски, кој го прифати покровителството на овој турнир, на Ракометната федерација на Македонија, како и на сите ракометни клубови кои безрезервно ја прифатија поканата за учество, а дел од нив направија и промени во своите претходни агенди. Благодарност и до спонзорите, волонтерите и сите поединци кои несебично се вклучуваат во организацијата и придонесуваат овој настан да продолжи да живее. Струшкиот ракометен турнир е многу повеќе од неколку натпреварувачки денови. Тоа е заедничка приказна која ја градиме веќе 54 години. Затоа, ги поканувам сите медиуми, пријатели на ракометот и љубители на спортот да бидат дел од оваа приказна. Да покажеме уште еднаш дека Струшкиот ракометен турнир е симбол на традицијата, квалитетот и иднината на македонскиот ракомет“, заврши Чакарески.























